Јошко Миленкоски ќе биде сериозен адут на Македонија на претстојното Европско првенство откако најдобриот одбојкарски стратег ја прифати понудата да се врати на клупата на нашиот национален тим.
Миленкоски по цели 15 години се враќа на кормилото на македонската репрезентација, откако во меѓувреме оствари низа одлични резултати во меѓународните ангажмани што ги имаше на клупски план.
На денешната прес-конференција Миленкоски ја имаше и официјалната промоција како шеф на стручниот штаб на одбојкарската федерација.
„Долго време разговарав со ова раководство на ОФМ за да се вратам на селекторската позиција, но по се изгледа сега дојде вистинското време. Имав многу ангажмани надвор, па некако и не бев во можност порано да се нафатам со селекторската работа. Сега доаѓам да го продолжиме добриот тренд со настапите на европските натпреварувања. За резултатите и очекувањата ќе зворуваме кога ќе завршиме со еден дел од подготовките. Почнувам со 20 играчи на првиот микро циклус во Маврово веќе утре. Ќе бидеме таму седум дена. Во целиот период на подготовка во три микро циклуси ќе одработиме триесетина тренинзи кои мислам дека ќе бидат доволни. Настапот на Златната лига ќе ни биде како генерална подготовка за главниот настан, европското првенство во Скопје во август и септември. Засега со ОФМ сме договорени за овој циклус, по европското првенство повторно ќе седнеме и ќе видиме како понатаму“, изјави Миленкоски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА