Селекторот на македонската одбојкарска репрезентација Јошко Миленкоски сосема очекувано не го криеше задоволство од пласманот на Македонија и по четврти пат на најголемиот одбојкарски собир на Стариот континент.
Македонија со победата од 3-0 против Грузија вечерва во Скопје обезбеди нов настап на ЕП, сето тоа како обврска повеќе за целата држава и во иднина да даде максимална поддршка на одбојката.
„Поминавме едно долго, тешко, лето преку Европската Златна лига, па на крај дојде шлагот со одлучувачкиот натпревар против Грузија кој на задоволство на сите го завршивме онака како што посакувавме. Ова е нов голем ден за македонската одбојка“ – рече селекторот Миленкоски веднаш по пласманот на ЕП, осврнувајќи се на вечерашниот дуел со Грузија.
„Натпреварот, како натпревар, со Грузија не беше тежок, но беше и тоа како од психолошки аспект тежок затоа што знаевме дека не смееме да погрешиме. Сепак, кога се ќе се сумира, оној освоен сет во дуелот со Грција како и големиот број поени освоени на гостувањата во Атина ни овозможија вака, се чини, полесен натпревар против Грузија. Но, задачата беше завршена и преку оние тешки дуели со Грција, пред се и во Скопје, за што треба да се честита и на претходниот селектор и тогашниот стручен штаб“.
Македонија сега на Европското првенство 2026 ќе бара повторување на успехот од претходните настапи, преку комбинацијата на искуство и младост во тимот.
„Македонија предводена од своите искусни одбојкари покажа дека уште може да игра на високо ниво и тоа е наша гордост. Златната лига ова лето беше за мене поголем предизвик затоа што игравме со навистина силни противници, и преку тие натпревари оваа репрезентација покажа дека е за респект. Сега ни треба многу работа, подготовка, анализи и заедно со подмладување на националниот тим, а предводени од сите овие искусни наши ѕвезди да продолжиме континуитет на успеси“ – рече Миленкоски.
А, на прашањето дали Јошко Миленкоски ќе ја предводи Македонија на ЕП 2026!?
„Дали ќе останам на селекторската функција на Европското првенство ќе одлучиме дополнително. Има време за тоа, заедно со сите овие наши одбојкари ќе донесеме одлука. И јас сум во години и сигурно е неопходно и мое повлекување, заедно и со оваа генерација поискусни. А, дали ќе биде сега или после заедничкиот пласман на ЕП ќе видиме“ – рече Миленкоски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

