Пелистер под водство на Јошко Петковиќ во битолското дерби успеа да му земе бод (24-24) и да му го ресипе перфектниот учинок на Еурофарм Работник. Според искусниот српски стратег ваквиот исчекор на пелистерци против градскиот ривал од кој во првиот меч сезонава беа поразени со 11 гола разлика, се должи на работа и на дисциплина.
Добрата игра во одбраната и улогата што ја одигра повратникот Стефан Дрогришки, според Петковиќ беа клучните елементи што на Пелистер му донесоа позитивен резултат во градското дерби.
„Пред се добро ја сложивме одбраната. Успеавме во сите елементи во тој дел успешно да му парираме на Еурофарм и забелшките што ги имавме досега ги сведовме на минимум. Го вративме Дрогришки и тој ми врати со добра игра во одбраната и со чесен човеќки однос. Добри бевме и во нападот, но не можам да бидам потполно задоволен бидејќи упропастивме 6-7 чисти ситуации, немарно и недоволно концентрирано. Но, одбраната функционираше како што треба иако игравме само со еден голман. Левото крило исто така ми беше проблем…Се друго беше онака како што сакав. На крај, зедовме бод на екипа која играчки е посилна од нас. Бевме рамноправни, имавме и напад за два разлика, но на крај и овој бод е доволен“ – сумира Петковиќ по вчерашното градско дерби.
Интересен е советот што им го дал Јошко Петковиќ на своите ракометари на последниот тајм-аут, откако Еурофарм Работник успеа да изедначи, а на Пелистер му остана завршниот напад…
„Можеби ќе биде малку чудно, но им реков да се сетат дека од Еурофарм губеа со 11 разлика, а сега имаат бод и тој е сосема доволен, да не им текне да избрзуваат и да шутираат. Што е сигурно, сигурно…“ – открива Јошко Петковиќ.
Интересно е и тоа што во битолското реми јавно се посомнева тренерот на Охрид, Горан Андоновски посочувајќи ја (не)ангажираноста на Еурофарм. Јошко Петковиќ пак, во свој стил му одговори на својот поранешен ученик:
„Андоновски беше мој играч во Јафа своевремено и искрено го ценам она што го работи во Охрид. Се работи за вреден и многу чесен човек, добар играч и сега добар тренер. Добро работи, има квалитет и добра атмосфера во Охрид и верувам дека ќе има успеси. Јас како повозрасен и поискусен само би му кажал дека јазикот не треба да биде побрз од умот“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА