Јован Качевски ќе суди во Лихтенштајн, Роберт Марковиќ патува за Малта

Започнува новата сезона на eвропските фудбалски купови, со нив и ангажман на македонските судии и функционери на ФФМ од страна на Комисиите на УЕФА. Нашиот најмлад интернационален судија Јован Качевски од Струга за првпат ќе суди еден меч од квалификациите за пласман во групи во Конференциската лига.

На 13. јули Качевски ќе биде главен судија во Лихтенштајн на мечот меѓу Вадуц и претставникот на Белорусија, ФЦ Неман Гротно. Ќе му помагаат Даниел Василевски и Иван Путилин, а четврти судија ќе биде Марјан Дејановски.

Ќе патува и Роберт Марковиќ, комесар за безбедност и интегритет во ФФМ кој од страна на УЕФА е одреден да се грижи за безбедноста во првото калификациско коло во Лигата на европските шампиони на мечот меѓу шампионот на Малта, Хамрун и израелскиот клуб, Макаби Хаифа. Овој меч кој поради израелските фудбалери е под висок ризик ќе се одигра на Малта на 11. јули.

Да спомнеме дека на Малта од 3. јули се наоѓа и нашиот поранешен најдобар фудбалски судија, сега контролор на листата на ФИФА, Емил Божиновски. Тој го следи судењето на најперспективните млади судии од Европа заедно со уште тројца контролори на финалниот турнир на Европското првенство, играчи до 19 години на кое учествуваат осум репрезентации: Норвешка, Италија, Шпанија, Португалија, Исланд, Грција, Данска и Малта.

М.М.

Се вчитува...