Одигра неверојатно исцрпувачки меч точно 100 минути, вклучувајќи ги и судиските продолженија, како начин да ја покаже сопствената индивидуална вредност а во функција на тимот. Јован Манев во својот прв натпревар како стартер за Македонија покажа дека репрезентацијата добива нов „бедем“ пред голот на Столе Димитриевски на кого и тоа како треба да се рачуна во иднина.
Дебитираше од клупата на пријателскиот натпревар против Фарските острови во март оваа година за А-репрезентација, за да сега комплетно ја добие довербата од селекторот Боби Милевски како стартер против европскиот шампион Италија. И комплетно ја оправда…
„Мора да кажам дека пресреќен сум што сум дел од овој тим. Носев во себе силна мотивација и желба за докажување откако дознав дека ќе бидам стартер на дуелот, затоа што националниот дрес е светост за секој фудбалер. Пресреќен сум и што со една рамноправна игра против европскиот шампион во натпревар во кој можевме и да победиме, покажавме дека јунските натпревари беа само една лоша резултатска епизода за нас. Но, овој резултат не треба да не залажува затоа што мора да продолжиме во ист стил на следните натпревари“ – истакна Манев по синоќешниот дуел на арената „Тодор Проески“.
Манев и синоќа потврди дека се наоѓа во извонредна форма, сега во очекување и на новата клупска средина, во редовите на еден од најдобрите хрватски клубови Осијек, по завршувањето на репрезентативните обврски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА