Коронавирусот повторно удри по КК Вардар. Пред „црвено-црните“ е нов период на самоизолација, кој за нив ќе биде трет оваа сезона, откако поради истите проблеми го пропуштија почетокот на сезоната, а првиот натпревар го одиграа дури во месец декември.
Првите позитивни се појавија по натпреварот со Црн Дрим, а бројката значително се зголеми по последниот дуел со Пелистер. По последните тестирања, тимот од „Кале“ има најмалку седум позитивни во своите редови па јасно е дека скопскиот состав ќе биде надвор од конкуренција во следниот месец со што сериозно ќе се поремети распоредот во лигата.
„Знам дека корона-кризата ги погоди поголем дел од клубовите, но ова за нас е навистина голем удар. Добивме тестови на сега за сега седум позитивни кошаркари. Некој од нив веќе добија решенија за 21 дневна изолација. Веројатно ќе треба да бидеме надвор од терените во наредниот месец. Ова е трета изолација за нас оваа натпреварувачка сезона. Желбата за натпреварување е огромна, но ништо не може и несмее да биде побитно од здравјето. На моите кошаркари заразени со коронавирусот им посакувам брзо опоравување. Коронавирусот ни застана на патот три пати оваа сезона и ќе биде многу тешко повторно да се вратиме во нормален тренажен и натпреварувачки процес. Но, ние не би биле спортисти доколку не се спротиставиме и не ги надминеме и најголемите препреки. Се надевам дека сите ќе го сочуваме здравјето, а потоа повторно заедно ќе се обидеме да ја оствариме целта во оваа сезона“ – изјави за ЕКИПА, тренерот Александар Јованчев.
Вардар оваа сезона одигра 11 натпревари по кои „црвено-црните“ имаат учинок од две победи и девет порази, а со оглед на формата на младиот состав во последните натпревари, новото одлагање ќе биде сериозен удар кон амбициите на клубот. Останува да ја видиме и разврската од целата ситуација со оглед на тоа што тимот во последната седмица „вардарци“ одиграа два дуела против Црн Дрим и Пелистер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

