Црногорската репрезентативка во ЖРК Вардар, Јованка Радичевиќ, кариерата најверојатно ќе ја продолжи во ЧСМ Букурешт. Според информацијата што ја објави црногорскиот портал „handballme.me“, актуелниот првак на Романија и поранешен шампион на Европа сака да ја ангажира Радичевиќ и да ја искористи актуелната ситуација во Вардар. Според најавите, трансферот е пред реализација.
Од раководството на ЖРК Вардар, како што информираше ЕКИПА, пред два дена на ракометарките им најавиле дека ќе треба да си бараат нови клубови и дека повеќе немаат намера да вложуваат средства во клубот кој ќе се потпира само на млади македонски ракометарки. Иако претходно им било најавено дека тие што се под договор ќе останат во црвено-црните редови, сега им е кажано сите да си бараат нови клубови.
Со оглед на рејтингот и квалитетот што го имаат повеќето ракометарки што сега го носат дресот на Вардар, не чуди ни брзата реакција на водечките европски клубови кои сигурно ќе настојуваат да ја искористат ситуацијата кај „црвено-црните“.
Во составот на ЧСМ Букурешт кој пред две сезони ја освои титулата во Лигата на шампионите, на крилната позиција настапува уште една црногорска репрезентативка, Мајда Мехмедовиќ, а лани во тимот се врати и најдобрата романска ракометарка, Кристина Неагу.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА