Јовановски: Овој успех е пред се на играчите и на селекторот…. одбојката има светла иднина

Првиот човек на Одбојкарската Федерација, Петар Јовановски не го крие задоволството по новиот успех на машката сениорска репрезентација, која со победата над Грузија стигна до четвртото Европско првенство во низа.

Федерацијата повеќе од една деценија вложува максимални напори за македонската репрезентативна одбојка да остави белег на европската мапа, а тоа резултира со континуиран настап на континенталните собири.

Претседателот Јовановски потенцира дека ова е пред сè успех на репрезентацијата и стручниот штаб, а потоа и на Управниот одбор и сите инволвирани во Федерацијата.

„Главната и основна цел да се задржи континуитетот на настапи на Европските првенства е исполнета. Горд сум на овие момци, на оваа генерација која несебично се дава и се бори за одбојката да го достигне ова ниво на кое сме во моментов. Имавме напорно, долго и топло лето, во кое се она што беше поставено како амбиција е исполнета. Настапот во Европската Златна лига Македонија го заврши со најдобар резултат досега и обезбеди опстанок во ‘златното’ друштво и следната година. Од викендов потврдено е и учеството на четвртото ЕП во низа – презадоволен сум. Федерацијата и Управниот одбор направија се за репрезентацијата да има беспрекорни услови за работа, а довербата е оправдана на најдобар можен начин. Ова е успех на одбојкарите, на стручниот штаб и селекторот Јошко Миленкоски, а потоа и на Управниот одбор, канцеларијата на ОФМ и секој кој на било каков начин помогна во комплетниот процес. Секако, не смееме да ја заборавиме публиката! Без нејзината поддршка и инспирацијата која ја дава од трибините овој успех немаше да биде комплетен. Министерството за спорт ги препознава нашите резултати и ни дава дополнителен ‘ветер во грб’. Пресреќен сум и презадоволен. Емоциите се уште силни“, гордо зборува претседателот на ОФМ Петар Јовановски.

Со пласманот на ЕП 2026 работата не завршува, напротив тешкото сега стартува. Репрезентацијата е во процес на промена на генерација, но патот е веќе трасиран, а токму континенталниот собир ќе биде прва сериозна „станица“ за помладите.

„Уште сме под импресии на успехот, но од друга страна свесни сме дека ќе мора многу брзо да се консолидираме и да се фатиме за работа, затоа што тешкото допрва доаѓа. Имаме промена на генерација во репрезентацијата, а патот за младите е веќе трасиран. Европското првенство ќе биде првиот сериозен тест за нив, на кое ќе треба да се покажат и да го продолжат она што оваа генерација го создаде. Имаме потенцијал и верувам во светла иднина, која е во рацете на младите. Ние како Федерација ќе направиме сè за да добијат најдобри можни услови за подготовка за ЕП, а потоа сè е на нив. Имаме малку време за оддишка, ќе ги почекаме противниците во октомври, а потоа со сите сили кон ЕвроВолеј“, заклучува првиот човек на ОФМ.

Македонија од 9 до 27 септември следната година ќе настапи на ЕвроВолеј кое ќе се одржи во Италија, Бугарија, Финска и Романија. Ждрепката за групите е закажана за 4 октомври годинава во Бари.

Се вчитува...