Јовиќ: Читам и се смеам… дека ќе сум одел на позајмица

Реал Мадрид летово плати 60 милиони евра за да го доведе Лука Јовиќ од Ајнтрахт, па токму затоа изненадувачки беа написите дека „кралевите“ сезонава нема да сметаат на српскиот репрезентативец, кој ќе биде испратен на позајмица. Веднаш се појавија шпекулации за понуди од Интер и од Милано, но српскиот голгетер е дециден на оваа тема – нема шанса да си замине од Мадрид.

„Читам и се смеам… дека ќе сум одел на позајмица. Разбирам дека новинарите секогаш ќе имаат приказни поврзани со Реал Мадрид, јас од почетокот на кариерата се навикнав на најразлични коментари, се помирив дека може да се пишува се и сешто за мене. Смирен сум и знам дека ќе останам во Мадрид, а времето ќе покаже дали сите тие пишувања биле вистинити или обични измислици“ – истакнува Јовиќ во интервју за „Вечерње новости“.

Шпанците пишуваат за недоразбирања со Зинедин Зидан, но Лука има само пофални зборови за својот нов тренер.

„Зинедин Зидан е тренер што верува во мене и тоа воопшто се нема променето, од првиот ден кога дојдов во Реал се до денеска. Од ден на ден учам се повеќе од него, што ми е многу мило бидејќи тој и како играч и како тренер припаѓа на врвот на светскиот фудбал“ – изјавува Лука Јовиќ.

Се вчитува...