Челниците на Работник повлекоа изненадувачки потег со смената на Илија Темелковски од тренерската функција, откако овој стратег оствари добар резултат во Супер-лигата и плејофот и обезбеди ново учество на битолскиот клуб во европските натпреварувања. Тој утрово беше разрешен од тренерскиот ангажман и промовиран во стручен координатор и советник во клубот, а во меѓувреме раководството на Работник ја интензивира потрагата по негов наследник на клупата, при што во преден план се две имиња – Александар Јовиќ и Касим Каменица.
Јовиќ има зад себе успешна сезона во Металург, но и него по се изгледа го чека судбината на Темелковски, па се очекува поранешниот јуниорски селектор во најскоро време да добие отказ и на негово место да биде именуван Данило Брестовац. Битолчани сметаат дека Јовиќ би бил добро решение за клупата на Работник, но не сакаат премногу да чекаат на разврска во Металург, свесни од претходните искуства дека и тоа би можело да се одолговлечи. Доколку се решат за стратег од странство, тогаш прва опција е Касим Каменица, поранешниот тренер на Пелистер кој е заинтересиран за враќање назад во Битола, овојпат на клупата на „фармацевтите“ од овој град.
Тој по Пелистер се пресели на клупата на Загреб, потоа седеше и на кормилото на Војводина, каде издржа три месеци пред да му биде врачен отказ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА