Металург во среда го пречекува Мешков Брест, во натпреварот од регионалната СЕХА лига, а во меѓувреме стигнуваат и позитивни најави за иднината на македонскиот вицешампион кој веќе подолго време се соочува со финансиска криза. Тренерот на Металург, Александар Јовиќ на денешната прес-конференција изрази уверување дека работите во клубот се одвиваат во добра насока со гаранција од генералниот спонзор.
„Штом се натпреваруваме, значи има нешто позитивно што се случува во клубот. Имаме гаранции од нашиот спонзор и се надеваме дека Металург ќе опстои како клуб. Би било штета да не продолжиме бидејќи имаме плејада млади играчи кои треба да се искалат во идни репрезентативци“ – истакна Јовиќ.
Незавидната ситуација во Металург излезе на виделина минатиот месец по изјавата на капитенот Филип Кузмановски дека играчите за 4-5 месеци зеле само една плата и предупредувањето дека нема да продолжат да играат доколку не им се подмири долгот. Во меѓувреме најден е начин играчите да добијат дел од засотанатите плати, а тие продолжија со настапите во СЕХА лигата.
До крајот на сезоната на „металурзи“ им преостануваат уште три натпревари во СЕХА лигата, а потоа настапот во суперлигашкиот плеј-оф и во Купот на Македонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА