Јовиќ: На добар пат сме, им посакувам на ПСЖ и нашиот пријател Раул да ја освојат Лигата на шампионите

Ракометарите на Е. Пелистер го доживеаја и четвртиот пораз во исто толку натпревари на стартот од сезоната во Лигата на шампионите.

Тренерот на битолчани, Александар Јовиќ, по синоќешниот натпревар истакна задоволство од изданието и покрај тоа што не се успеа да се изненади големиот фаворит на кого му посака освојување оваа сезона на Лигата на шампионите.

„Му честитам на ПСЖ за победата, но и на моите ракометари за изданието. Не беше воопшто лесно да се игра во Париз, но мислам дека одигравме квалитетно како екипа против големиот фаворит. Мислам дека сме на добар пат и треба да продолжиме на овој начин. На ПСЖ и на нашиот голем пријател Раул Гонзалез им посакувам оваа сезона да ја освојат Лигата на шампионите“ – истакна Јовиќ по синоќешниот дуел во Париз.

„Пелистерци“ во наредното коло во Лигата на шампионите следната недела гостуваат на Загреб во Хрватска.

Се вчитува...