Јовиќ пред стартот на ЛШ: Еурофарм Пелистер ќе остави срце за радост на најракометниот град во Европа!

По 18 години Лигата на шампионите повторно во градот на ракометот Битола. Еурофарм Пелистер во среда против норвешкиот шампион Колштад ги стартува настапите во Лигата на шампионите.

Битола се подготвува за фешта и првата европска пресметка како добар почеток на сезоната во која градот на конзулите ќе живее со најпопуларниот домашен спорт.

Свесен е тренерот на Еурофарм Пелистер, Александар Јовиќ дека тимот го очекува силен предизвик во желбата со победа да се почне ова натпреварување.

„Колштад е екстра квалитетна екипа, која во своите редови има шест норвешки и еден исландски репрезентацтивец. Колштад гаи екстра динамична игра и мислам дека ќе биде задолвоство да се натпреваруваме со нив. Верувам дека ќе се прикажеме во најдобро светло оваа сезона, пред нашата публика, во нашата реновирана сала“ – вели Јовиќ и дополнува:

„Се подготвуваме подолг период, игравме доста пријателски натпревари, игравме и променливо на некои од нив. Од натпреварите на кои не бевме на висина на задачата извлековме многу поуки. Анализиравме доста детали каде сите заеднички грешиме и мислам дека ќе ги исправиме со стартот на новата сезона во Европа и во Суперлигата. Еурофарм Пелистер ќе биде подготвен за предизвиците. За најдобрата публика и најракометниот град во Европа ќе порачам дека ќе оставиме срце на терен, ќе се прикажеме во најдобро светло и нема да ги разочараме навивачите“.

Натпреварот во салата „Боро Чурлевски“ меѓу Еурофарм Пелистер и Колштад се игра во среда со почеток од 18.45 часот.

Се вчитува...