Јовиќ: За Битола ме врзуваат убави спомени, Пролет нема што да загуби против Пелистер

Ракометната Супер-лига на Македонија продолжува со пеколно темпо среда – недела, а тимот на Пролет токму во следните неколку дена го очекуваат двете најтешки задачи, пресметки со Еурофарм Пелистер и со Вардар. Победата над Борец минатиот викенд ја врати позитивната атмосфера во тимот, а тренерот Јовиќ верува дека формата на тимот ќе продолжи да расте и во наредниот период.

„Оној неочекуван пораз во Струга беше изненадувачки за сите, но со добрата игра и убедливата победа над Борец покажавме дека се враќаме во форма, одигравме онака како што знаеме и тоа донесе резултат. Атмосферата во екипата повторно е на високо ниво и верувам дека ќе продолжиме да напредуваме како што ќе минува времето. Сега не следат две исклучително тешки средби против екипи што атакуваат на титулата, но тоа не значи дека ќе се предадеме без борба. Ќе се обидеме да играме квалитетен ракомет, а овие средби ќе ни послужат за уште поподготвени да го дочекаме наредниот период“, изјави Јовиќ.

За Александар Јовиќ денешниот меч со Пелистер (18 часот) ќе биде враќање назад во Битола, против клубот на кој токму Јовиќ пред две сезони му ја донесе првата титула по долга пауза.

„Секогаш е добро чувството кога ќе се вратам назад во клуб со кој имам остварено таков голем успех. Пелистер е клуб што го почитувам и за кој ме врзуваат бројни позитивни спомени. Денеска доаѓам како ривал, на сите ни е јасно дека домаќинот е актуелен шампион и воедно и фаворит на овој дуел. Секако дека нема да се предадеме без борба, немаме што да загубиме, наша желба е да одиграме најдобро што знаеме, па ќе видиме каков резултат ќе донесе тоа на крајот“, истакна стратегот на Тинекс Пролет.

Се вчитува...