Јовиќ: Знаевме дека Алкалоид е силен, да го прославиме Велигден, па ќе мислиме на Вардар

Еурофарм Пелистер го положи тешкиот испит во Автокоманда со победата над Алкалоид, со голот што Хенеберг го постигна на пет секунди до крајот на овој супердраматичен дерби дуел.

Тренерот Александар Јовиќ не го криеше задоволството по големата победа над незгодниот ривал.

„Мислам дека овој меч ќе им биде од голема корист на двете екипи, знаеме дека Алкалоид има млади играчи, но и кај нас денеска настапија неколку млади ракометари за кои искуството од ваков неизвесен меч ќе биде драгоцено за во иднина. Ние знаевме дека Алкалоид е одличен проект, самата победа со Вардар е јасен доказ за нивниот квалитет, јас им посакувам да продолжат вака и понатаму. Знаевме дека не чека тежок натпревар, добро се подготвивме и мислам дека заслужено победивме“, изјави Јовиќ.

Битолчани со ова се враќаат во пол-позиција во трката за титулата, за што сега ќе им биде доволен и минимален триумф на големото дерби со Вардар што ќе го играат во „Боро Чурлевски“.

„Да бидам искрен, сега пред нас е најголемиот христијански празник, одиме дома да го прославиме со семејствата, а потоа ќе размислуваме за се останато“, истакна стратегот на Еурофарм Пелистер.

Се вчитува...