Знаме, име, химна и фудбалска репрезентација, тоа се одликите на државноста. Пред точно 30 години, на 13 октомври 1993 година, Македонија го одигра првиот фудбалски меч од осамостојувањето, против Словенија во Крањ и славеше со 1-4. Имавме страшна генерација, Дарко Панчев, Илија Најдоски, Драги Канатларовски, Чедомир Јаневски… Фудбалска Македонија денеска се гордее и си спомнува за почетоците…
__________________________________________________________________________________________
ФОТО: Роберт Спасовски
Крањ и Словенија засекогаш силно ќе останат врежани во меморијата на македонската фудбалска историја преку првиот репрезентативен натпревар одигран во независна Македонија. Денеска, точно 30 години од историската средба во Крањ во која славевме со 1-4 против Словенците неизбежно се издвојуваат сеќавањата за мечот за кој едноставно нема заборав.
А, како повеќе од сериозна помош да не замине во заборав дефинитивно се и фотографиите од деновите пред, за и после мечот во Словенија кој означи нов почеток за македонскиот репрезентативен фудбал. Дел од македонската експедиција во Крањ таа 1993 година беа и пет новинари и двајца фоторепортери… Меѓу Атанас Костовски (МТВ), Александар Стиков (Македонско радио), Воин Трајковски (Нова Македонија), Драган Николовски (Вечер), Мијалче Дургутов (Скок) и Ѓорѓи Личоски (Нова Македонија), и фоторепортерот на ЕКИПА, Роберт Спасовски, тогаш како дел од редакцијата на единствениот спортски неделен магазин „Скок“.
Потсетувајќи се на тие денови, засекогаш остануваат фотографиите на Спасовски како сведок и зад сцената на сите случувања во Крањ. Македонските репрезентативци предводени од тогашниот претседател на ФФМ, Љубисав Иванов – Ѕинго и селекторот Андон Дончевски, ден пред мечот имаа и прием од амбасадорот на Р. Македонија во Словенија, Димитар Мирчев…., на кој Панчев, Најдоски, Канатлароски, Јаневски, Бабунски, Марковски, Зоран Бошковски – Чоко, Мицевски, Грозданов, Јовановски, Мемеди, Милошевски и останатите, уште тогаш беа потенцирани како вечни пишувачи на македонската фудбалска историја…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА