Македонскиот стратег Југослав Тренчовски пишува во моментов историја на клупата на Радомље во словенечкиот фудбал, привлекувајќи го максималното внимание, не само на балканските медиуми, но и на светските фудбалски аналитичари за кои играта на ‘малиот клуб’ од Словенија е вистинско изненадување.
Клубот, кого фудбалските аналитичари пред стартот на сезоната го сместуваа меѓу оние кои исклучиво ќе се борат за опстанок во словенечката лига, сега пишува своја клупска историја со најдобрите резултати од своето постење, со отворена шанса до крајот на сезоната и во битката за европски излез. Најдобриот пласман на Радомље во најсилната лига на Словенија во клупската историја е шестото место, а сезонава во моментов е на петтата позиција и на само седум бода, и натпревар помалку, од третото место на Копер кое води во Европа.
„Нашите цели се секако оваа сезона креирање здрав фудбалски колектив, стабилен резултатиски и подготвен да се надигрува со секој противник на секој натпревар. Ако се укаже шанса за Европа до крајот на сезона секако ќе се обидеме да ја искористиме“ – коментира Тренчовски за ЕКИПА, некаде низ моментите на подготовка на тимот за саботниот предизвикувачки натпревар со Марибор.
Но, тоа што деновиве посебно го издвои Радомље во фудбалската јавност на Словенија, можеби и на изненадување на многумина е најновата студија на најпознатата светска фудбалска опсерваторија, швајцарската ЦИЕС, која детално го анализираше стилот на игра на тимовите ширум светот, и секако Балканот. ЦИЕС, во соработка со компанијата ‘Импект’, анализираше податоци од 58 лиги ширум светот за да утврди кој игра најмодерен фудбал.
Барајќи ги „тимови што се најпријателски настроени кон топката“, во преден план ја издвојуваат играта на Радомље кој е на второто место во Словенија, веднаш зад неприкосновениот Целје, како тим кој игра најфлуиден, доминантен и отворено атакувачки модерен фудбал. Рангирањето се базира на четири критериуми: близина на додавањата (колку пократко толку подобро), темпо на додавања за време на посед, времетраење на посед на топка и процент на примени топки во противничката третина под колена (т.е. на земја).
„Погледот на рангирањето на словенечкото првенство открива дека Радомље има висок индекс 60,5. Тим кој иако често се бори за опстанок, очигледно негува исклучителна комбинаторна игра, бидејќи ги минаа на листата и Олимпија, и Марибор и Копер во овој сегмент. Радомље е вистинско освежување за словенечкиот фудбал, хитот на сезната со одличен концепт, фудбалска поставеност на терен согласно најновите студии за модерен фудбал“ – се вели во анализата на ЦИЕС.

„Ова е големо признание за стручниот штаб на Радомље, кој, и покрај помалиот буџет компарирано со сите други тимови во лигата, инсистира на разиграна фудбалска филозофија. Примарната цел на Радомље е секако што побрзо да го обезбеди својот опстанок меѓу елитата во секоја сезона. А, сега се толку блиску и зад водечката тројка, и местата кои водат во Европа на крајот од сезоната. Дефинитивно, најдобриот есенски дел за клубот откако игра во Првата лига на Словенија“ – пишуваат словенечките медиуми.
НАЈГОЛЕМ РАСТ НА ПАЗАРНАТА ВРЕДНОСТ НА РАДОМЉЕ ОД СИТЕ КЛУБОВИ ВО СЛОВЕНИЈА
Токму начинот на игра протежиран од Тренчовски донесе најголем раст на пазарната вредност на фудбалерите на Радомље од сите клубови во Словенија. Вредноста на тимот на Радомље од стартот на сезоната порасна на 4 милиони евра.
„Пазарната вредност на тимот порасна за 24%, што е убедливо најголем раст во Словенија. Тоа секако е значајно за клуб како Радомље чија интенција, меѓу другото, секако е производство на млади и талентирани фудбалери“ – вели македонскиот тренер.
ЦЕЛТА НА МАКЕДОНИЈА Е ДА БИДЕ ПРЕД СЛОВЕНИЈА
Тренчовски во моментов е во фокусот на словенечката фудбалска јавност и по ждрепката за Б-дивизијата во Лигата на нациите, и фактот дека Словенија, првпат низ еден официјален натпреварувачки систем на УЕФА, е во група со Македонија.
„Веднаш по ждрепката почна барањето мислење од мене од словенечката фудбалска јавност и медиумите околу тоа што би ја очекувало Словенија во Лигата на нации и пресметките со Македонија. Сосема е јасно е дека Македонија има сериозна репрезентативна поставеност и успеси од минатите години кои, со право, ни ја носат амбицијата да бидеме пред Словенија во групата од Лигата на нациите. Тоа и им го кажав, дека нашата цел е секако да бидеме пред Словенија во групата“ – вели Тренчовски.
Југослав Тренчовски е поранешен селектор на репрезентацијата на Македонија до 19 години и тренер на АП Брера, а во досегашната кариера работеше и во катарскиот Ал Араби, како и во Казма во Кувајт од каде на стартот од сезоната се пресели во Словенија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

