Не е никаква тајна дека фудбалските фанови во поранешна Југославија најмногу ги поддржуваа клубовите од „големата четворка“, која во тоа време ја сочинуваа Црвена Звезда, Партизан, Динамо Загреб и Хајдук.
Сепак, многумина сè уште се сеќаваат на златните генерации што некогаш ги имаа клубовите од Босна и Херцеговина, Вележ, Сараево и Железничар, но и скопски Вардар кој во 1987 ја изненади „големата четворка“ и ја освои шампионската титула во Југославија.
Југословенската легенда, Дејан Савичевиќ, во моментов претседател на Фудбалскиот сојуз на Црна Гора, во подкастот „Во корнер“, осврнувајќи се на својата кариера се потсети на своите почетоци во Будуќност од Подгорица, од каде што замина во Црвена Звезда во 1988 година и беше дел од генерацијата што успеа да ја освои титулата европски шампион.
Одличните настапи во дресот на Ц.Звезда му донесоа на Савичевиќ трансфер во Милан во вредност од речиси пет милиони евра, а Црногорецот остави навистина неизбришлива трага во дресот на „росонерите“.
Савичевиќ пред неколку години призна дека во детството навивал за Вележ од Мостар, а сега го потврди тоа, иако самиот нема објаснување зошто било така.
„Во Црна Гора сите навиваа за Ц. Звезда или Партизан. Јас, на пример, навивав за Вележ, не знам како, зошто, зошто“, вели легендарниот фудбалер, според кого веројатно многумина навивале за Вележ поради неверојатното трио – „БМВ“, кое го сочинуваа Бајевиќ – Мариќ – Владиќ.
Исто така, Савичевиќ призна дека поради Ваха Халилхоџиќ, пред Светското првенство во 1990 година, решил да го носи бројот 19 на дресот.
„Беше тоа трио БМВ, потоа дојде Халилхоџиќ и го обожавав Вележ. Дури и не знам зошто, навивав за нив. Следејќи го примерот на Ваха, го зедов бројот 19. Пикси беше десет и тој беше пред мене. Го барав бројот 19, кој го обожавав поради Ваха“ – вели популарниот Дејо.
Савичевиќ рече дека без сомнение Сафет Сушиќ оставил најголем белег врз него како фудбалер во детството.
„Кој остави најголем белег врз мене? Еден од најдобрите играчи од просторот на поранешна Југославија, според мене најголемиот играч на сите времиња – Сафет Сушиќ. Во таа средина со Сараево, за да бидеш национален шампион, мораше да бидеш вистински играч, а тој беше тоа. Тој беше национален шампион со еден сараевски тим, покрај големата четворка“, вели Савичевиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

