Викендите вообичаено покрај за врвни натпревари се резервирани и за шпекулации за мега-трансфери, па така британскиот весник „Дејли стар“ во своето денешно издание најавува офанзива на Манчестер јунајтед за Нејмар. Според овие шпекулации, во понудата ќе бидат вклучени и двајца француски репрезентаативци, Пол Погба и Антони Марсијал, кои би се вратиле назад во татковината како дел од овој мега-трансфер.
Бразилецот тврди дека е среќен во ПСЖ, Реал Мадрид најавува офанзива за негов ангажман, а Жозе Мурињо сериозно планира да се вклучи во оваа трка, користејќи ја финансиската моќ на Јунајтед за да привлече уште една мегаѕвезда на „Олд трафорд“. Погба веќе извесно време е во конфликт со „специјалниот“ и тоа сигурно нема да се промени само поради двата гола против Сити, додека Марсијал е подготвен за заминување бидејќи има само уште една година од актуелниот договор и веќе одби неколку понуди за продолжување на соработката.
Вкупната вредност на двајцата фудбалери е под 200 милиони евра, па се очекува ПСЖ во евентуални преговори да бара и доплата од најмалку 50 милиони евра, но „ѓаволите“ во последните години покажаа дека парите не им се никаков проблем кога треба да се убеди врвен фудбалер да пристигне на „Театарот на соништата“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА