Јунајтед и Барселона се договорија, но има еден проблем – како да се избрка Де Јонг од „Камп Ноу“

Манчестер Јунајтед е подготвен да го ангажира Френки де Јонг откако „црвените ѓаволи“ ја договорија отштетата што ќе треба да ја исплатат на Барселона за холандскиот репрезентативец. Сепак, сериозен проблем останува инсистирањето на Де Јонг да не ги смени клупските бои во текот на летово, со што сериозно ги замрсува сметките на каталонците во овој преоден рок.

Јунајтед ја прифати последната понуда на Барселона во висина од почетни 65 милиони евра, при што вкупниот трансфер може да достигне до 85 милиони евра. Тен Хаг сака повторно да го има Де Јонг во тимот откако двајцата имаа беспрекорна соработка во Ајакс, но проблем претставува фактот дека Јунајтед во следната сезона не се натпреварува во ЛШ, поради што плејмејкерот воопшто не сака да преговара со англискиот гигант.

Ставот на Барселона е јасен – Де Јонг може да си замине и клубот добро да заработи, а доколку инсистира на останување, тогаш ќе мора да се согласи на значително намалување на платата. Холанѓанецот јасно стави до знаење дека нема намера да прифати помала плата од Барселона, а бидејќи има валиден договор, може да остане во клубот и да инсистира на она што го има потпишано дури и доколку биде „изолиран“ од првиот тим од тренерот Чави.

Неофицијално, сериозна пречка во преговорите се и парите што Барселона му ги должи на Холанѓанецот за изминатите две години кога клубот беше со лимитиран буџет поради коронавирусот. Играчите се согласија на делумно намалување, за потоа при второто намалување да добијат ветување дека тие пари дополнително ќе им бидат исплатени летово. Барселона не сака да го исполни даденото ветување, во случајот на Де Јонг сумата што му се должи е над 10 милиони евра, пари од кои Холанѓанецот нема намера да се откаже, особено откако Барса покажа значителен буџет ангажирајќи засилувања во текот на овој преоден рок.

Се вчитува...