Јунајтед има две опции, можен и камбек на Солскјер?

Манчестер Јунајтед реши да ја прекине соработката со Рубен Аморим, по конфликтот што португалскиот стратег го имаше со директорот Џејсон Вилкокс пред и по последниот премиерлигашки дуел со Лидс јунајтед.

„Црвените ѓаволи“ му дадоа шанса на екс-стратегот на Спортинг и покрај катастрофалните резултати ланската сезона, но Аморим не успеа да го извлече максимумот од екипата, згора на тоа и бараше дополнителни јануарски засилувања вредни над 100 милиони фунти, што ја прелеа чашата со незадоволство кај челниците на клубот кои на крајот решија да му врачат отказ.

Како што јавуваат англиските медиуми, гигантот од „Олд Трафорд“ има две главни опции за нов тренер и долгорочен предводник на овој проект. Првата е Герет Саутгејт, долгогодишниот англиски селектор кој моментно е без ангажман. Јунајтед го меркаше Саутгејт додека беше на чело на репрезентацијата, а сега кога тој е слободен за потпис сигурно ќе биде меѓу главните кандидати за нов менаџер на „ѓаволите“.

Втората опција е Оливер Гласнер, германскиот стратег кој со успех го води тимот на Кристал Палас. Гласнер веќе најави дека нема да потпише нов договор со Палас и дека му е потребен чекор напред и нов предизвик, нешто што Јунајтед секако ќе му го понуди. Проблем е што Кристал Палас не сака ни да чуе за предвремена разделба од тренерот,

Затоа, Гласнер би бил опција за од јули, а доколку Јунајтед се реши за него, големи се шансите на „Олд Трафорд“ да се врати Оле Гунар Солскјер. Легендарниот голгетер беше и менаџер на Манчестер јунајтед од 2018 до 2021 година, тој веќе најавил дека е подготвен за камбек, па дури и доколку истиот е краткорочен (до крајот на сезоната), се со цел да му помогне на својот омилен клуб.

Останува да се почека разврската, но јасно е дека челниците на Манчестер Јунајтед ќе треба да побрзаат и што поскро да најдат тренер што ќе го врати тимот онаму каде што припаѓа.

Се вчитува...