Манчестер Јунајтед имаше катастрофални резултати во првиот дел од сезоната, а фановите се надеваа дека со преземањето на оперативниот дел од клубот од страна на британскиот милијардер Џим Ретклиф работите ќе тргнат на подобро. Јасно е дека неопходни се нови фудбалери во играчкиот кадар, но тоа е и сериозен проблем ако се знае дека „црвените ѓаволи“ и со доаѓањето на новиот ко-сопственик се уште се соочуваат со сериозни финансиски проблеми.
Тен Хаг потроши многу пари во овие 18 месеци, па раководството на Јунајтед стравува од прекршување на правилата за финансиски ферплеј и нема намера во текот на оваа сезона да инвестира богатство во нови фудбалери. Нова трансфер-офанзива би била подготвена за летниот преоден рок, но дури откако Јунајтед ќе продаде дел од играчите на кои Тен Хаг (или евентуалниот нов тренер) нема да смета.
Приоритет за зимава останува засилување на голгетерската позиција, особено ако се земе во предвид катастрофалната форма на Маркус Рашфорд, но и на скапо платениот Хојлунд, кој има само еден гол во Премиер-лигата оваа сезона. Како што јавуваат англиските медиуми, во игра за преселба на „Олд Трафорд“ се наоѓаат петмина фудбалери, и тоа сите пет од Бундес-лигата.
Чупо Мотинг влегува во последните шест месеци од договорот со Баерн, германскиот првак сака да го продаде Камерунецот, кој за минимална отштета би бил достапен за трансфер. „Црвените ѓаволи“ покажуваат сериозен интерес и за Томас Милер, иако германскиот ветеран неодамна потпиша нов договор со Баерн.
Во случајот на Жираси од Штутгарт, станува збор за играч кој се наоѓа во одлична форма, но и кој има клаузула од 17 милиони евра што Јунајтед во моментов не може да ја плати (освен ако во меѓувреме не продаде некој фудбалер). Тимо Вернер, кој беше големо трансфер-промашување на Челси, сега се поврзува со враќање во Премиер-лигата како член на Јунајтед.
Листата на потенцијални нови голгетери на Манчестер Јунајтед ја затвора Холанѓанецот Мален, кој се наоѓа на излезна врата од Борусија Дортмунд. Двата клуба преговараат за враќање на Џејдон Санчо во Дортмунд, па англискиот гигант би можел да ги искористи истите преговори за да договори поволни услови за ангажман на Мален, за позајмица до крајот на сезонава, а потоа и целосен откуп во текот на летото.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА