Жозе Мурињо потроши богатство минатото лето, во јануари го направи Алексис Санчез најплатен фудбалер во Премиер-лигата, но на крајот сепак остана без трофеј. Сепак, раководството на Манчестер јунајтед целосно го поддржува својот стратег, кој ќе добие околу 200 милиони фунти за засилувања и во летниот преоден рок.
Како што јавува весникот „Мирор“ речиси половина од оваа сума ќе биде потрошена уште во текот на овој месец, откако „ѓаволите“ влегоа во завршна фаза од преговорите за првите две летни засилувања – Фред и Алдервирелд.
Фактот дека за услугите на Фред се интересира и Пеп Гвардиола направи „црвените ѓаволи“ да ги интензивираат разговорите со Шахтјор за овој бразилски фудбалер. Понудата на Јунајтед гласела 52 милиони фунти, наспроти само 40 на Сити, па за очекување е во следните денови да се даде зелено светло за комплетирање на овој трансфер.
Мурињо промаши неколку засилувања во одбраната во претходните две години, па сега повторно ќе носи дефанзивец што ќе треба да донесе цврстина во последната линија пред Де Хеа. Алдервирелд има уште една година од договорот и Тотенхем сигурно ќе го продаде, но „спарси“ бараат 45 милиони фунти за Белгиецот. Иако постоеше опција за директна размена за Марсијал, Мурињо е решен да ја плати сумата што Тотенхем ја бара за Алдервирелд, а потоа да го продаде францускиот крилен офанзивец за повисока отштета.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА