Англискиот селектор Герет Саутгејт веќе неколку месеци се поврзува со функцијата менаџер на Манчестер Јунајтед, а шансите за ваков трансфер сериозно се зголемија откако тој самиот најави дека би можел да ја напушти селекторската клупа по завршувањето на ЕВРО 2024.
Саутгејт има на маса понуда да го продолжи договорот до СП 2026, актуелниот селектор на „гордиот албион“ веќе извесно време тактизира на оваа тема, а во последното интервју за германскиот весник „Билд“ најави дека е подготвен да си замине ако не успее да стигне до европската круна на претстојниот шампионат.
„Ако не ја освоиме титулата, најверојатно нема да бидам повеќе селектор, така што ова изгледа ми е последна шанса за трофеј. Мислам дека околу половина од селекторите ќе си заминат по овој шампионат, тоа е вообичаено по едни вакви натпреварувања“, изјави Саутгејт за „Билд“.
Британските медиуми најавуваат дека Саутгејт би можел да си замине дури и доколку стане европски првак. Причината е инсистирањето на раководството на Манчестер Јунајтед што побрзо да добијат одговор од овој стратег, за да можат да донесат конечна одлука околу иднината на Ерик тен Хаг.
Ако Саутгејт прифати, Тен Хаг експресно ќе добие отказ, но „црвените ѓаволи“ инсистираат и името на новиот тренер да биде објавено во наредниот период, а не да се чека до средината на јули (кога завршува ЕВРО 2024) за да биде обелоденето тренерското решение за нареднта сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА