Далеку е Манчестер Јунајтед од врвот на англискиот фудбал кога станува збор за табелата, но „црвените ѓаволи“ го губат чекорот со ривалите и кога говориме за финансиската моќ, особено откако новиот ко-сопственик Ретклиф реши да ги крати трошоците секаде каде што е тоа возможно.
Информациите од Англија говорат дека тоа ќе се одрази и врз активностите на фудбалскиот пазар во летниот преоден рок, при што Рубен Аморим ќе остане без својата главна желба – ангажман на миленикот од Спортинг Лисабон, Виктор Гијокереш. Швеѓанецот игра во животна форма, Аморим не ја криеше желбата да го доведе кај себе во Јунајтед, но оштетата од 70 милиони евра на која инсистира португалскиот клуб во моментов е превисока за најтрофејниот англиски клуб. Од истата причина „црвените ѓаволи“ не можат да го потпишат ниту Виктор Осимен, а клупските директори веќе добиле насоки да бараат поевтини опции на пазарот.
Прв на листата со желби е Лијам Делап, младиот напаѓач на Ипсвич кој сезонава има 12 погодоци во Премиер-лигата. Овој 22-годишен фудбалер пристигна во Ипсвич од редовите на Манчестер Сити, „граѓаните“ имаат опција да го вратат за отштета од 30 милиони фунти, но во Јунајтед се оптимисти дека ќе успеат да го доведат Делап на „Олд Трафорд“. Максималната сума што „црвените ѓаволи“ се подготвени да ја потрошат е 40 милиони фунти, со тоа што и самиот голгетер би имал значително помала плата во однос на она што би го заработувале Гијокереш или Осимен.
Манчестер Јунајтед има постигнато само 36 гола во досегашните 31 рунди од Премиер-лигата, со што „црвените ѓаволи“ се 14. најефикасен тим од вкупно 20-те во елитното англиско фудбалско друштво.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА