Јунајтед одби 50 милиони и двајца играчи на Барса за Погба

Пол Погба сака да си замине од Манчестер јунајтед, Барселона сака да го доведе Французинот во своите редови, но проблем е што „црвените ѓаволи“ немаат намера да се разделат од овој фудбалер. Фактот дека Погба цела ланска сезона имаше недоразбирања со Жозе Мурињо беше најава дека тој би можел да го напушти „Олд трафорд“, но во ситуација кога не му беа исполнети желбите за нови играчи сега Мурињо не сака ни да чуе за продажба на Погба.

Токму затоа, одбиена беше и првата понуда од Барселона во висина од 50 милиони евра, плус двајца фудбалери на каталонскиот гигант, Андре Гомеш и Јери Мина. Самиот Мурињо се интересираше за Мина, кого Барса го има проценето на 30 милиони евра, но и овој адут не мина во преговорите, па „ѓаволите“ без премногу размислување ја одбија оваа понуда.

Останува да се види како ќе реагираат каталонците, дали ќе се откажат од намерата или пак во следните неколку дена ќе испратат нова понуда. Едно е јасно, време немаат премногу бидејќи ако планират понуда „пари плус играчи“, размената мора да биде извршена најдоцна до четврток, кога се затвора преодниот рок за Премиер-лигата.

Се вчитува...