Јунајтед плати 25 милиони фунти за него, па го испрати „на калење“ во Глазгов Ренџерс

Амад Диало минатата година беше доведен од Аталанта во Манчестер Јунајтед како следна голема ѕвезда на „црвените ѓаволи“, но крилниот офанзивец не успеа да се наметне ниту кај Оле Гунар Солскјер, ниту пак кај Ралф Рангник. Германскиот стратег му даде шанса на Диало на незначајниот меч од ЛШ против Јанг Бојс, а откако не беше импресиониран од она што го виде реши да дозволи позајмица на 19-годишниот напаѓач.

Шкотскиот првак Глазгов Ренџерс ќе биде нов клуб на Диало, откако челниците на шкотскиот гигант ги договорија условите за позајмицата на тинејџерот. Јунајтед во текот на летото даде зелено светло за овој играч да се пресели во Феенорд, но трансферот го расипа повредата на Диало. Овојпат немаше таков проблем, клубовите експресно се договорија, а фудбалерот веќе ја имаше и својата промоција во Глазгов.

„Црвените ѓаволи“ платија 25 милиони фунти за овој суперталент, но останува да се види дали тој ќе продолжи да се развива во посакуваниот правец или ќе биде уште едно од многуте трансфер-промашувања на најтрофејниот англиски клуб во последната деценија.

Се вчитува...