Манчестер Јунајтед прокнижи нови три бода откако рутински славеше на премиерлигашкиот дуел со Фулам со 0-3. Оле Гунар Солскјер му даде заслужен одмор на Маркус Рашфорд, чувајќи го за дуелот против ПСЖ заедно со Линделоф, но „ѓаволите“ и без двајцата стандардни првотимци без многу мака прокнижија нови бодови.
Во преден план попладнево беа двајцата француски интернационалци, Пол Погба и Антони Марсијал, кои беа најзаслужни за победата. Погба го отвори резултатот со прецизен удар од десетина метри, кога со шут крај првиот дирек го изненади домашниот голман. Вториот гол беше ремек-дело на Марсијал, откако крилниот офанзивец ја прими топката на сопствената половина и претрча половина терен пред да ја смести во мрежата. Конечните 3-0 ги постави Погба од пенал, откако Мата беше фаулиран во противничкиот шеснаесетник.
Удобната предност му овозможи на Солскјер во второто полувреме да ги повлече од игра Погба и Марсијал, чувајќи ги двајцата фудбалери за првиот осминафинален дуел од ЛШ против ПСЖ, што ќе се игра во вторник на „Олд трафорд“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА