Жозе Мурињо не е најзадоволен од игрите на тимот во подготвителниот период, па „специјалниот“ веќе побарал од раководството на клубот да почне преговори за на „Олд трафорд“ да се врати Златан Ибрахимовиќ. Швеѓанецот е слободен играч по истекот на договорот со јунајтед, но засега не брза со потписот на договор фокусирајќи се на рехабилитацијата од тешката повреда на коленото.
Сепак, весникот „Дејли мејл“ тврди дека „ѓаволите“ веќе стартувале разговори со овој фудбалер и инсистираат што поскоро да добијат позитивен одговор.
„Можеби ќе остане со нас. Знам дека нема договор во моментов, но се уште се чувствува близок до Манчестер јунајтед“ – изјавил Мурињо по враќањето назад во Англија.
Во прилог на оваа информација оди и изјавата на челниците на ЛА галакси, кои се свесни дека и покрај големата желба нема да успеат да го доведат Ибракадабра, кој би сакал да остане во Европа уште најмалку една сезона. Се очекува Златан да биде подготвен за камбек кон крајот на декември или почетокот од јануари, но во Јунајтед би сакале да потпишат договор најдоцна до ноември, за што поскоро да ги разрешат сите дилеми, а Жозе Мурињо во клучниот дел од сезоната да добие уште едно врвно засилување.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА