Манчестер Јунајтед имаше невообичаено тивок преоден рок зимава, но британските медиуми најавуваат дека тоа е само „затишје пред бурата“ што ќе ја предизвикаат „црвените ѓаволи“ на пазарот во летниот трансфер период.
Англискиот гигант ќе тргне во офанзива за засилување на неколку позиции во тимот, а веќе се подготвени и 100 милиони фунти за две засилувања кои би пристигнале од Баер Леверкузен. Станува збор за тим што игра неверојатен фудбал и моментно е првопласиран во Бундес-лигата, примајќи само 14 гола на првите 22 средби во германскиот шампионат, па Јунајтед неслучајно сака да ги доведе Џереми Фримпонг и Едмонд Тапсоба како клучни засилувања за наредната сезона.
Фримпонг ја мина младинската академија на Манчестер Сити, никогаш не доби шанса меѓу „граѓаните“, но затоа преку Селтик се пресели во Леверкузен каде сега игра сезона за паметење, со двоцифрен број на голови и асистенции веќе на почетокот од февруари. ОФанзивниот десен бек би бил решение за болната точка во тимот на Јунајтед, а со себе би го довел и Тапсоба, централниот дефанзивец од Буркина Фасо во „пакет“ вреден 100 милиони фунти.
Овој 25-годишен дефанзивец игра неверојатно, импресионира со цврстината во дуелите, но и со брзината, нешто што реално недостига во одбранбената линија на Јунајтед сезонава.
Желбите се едно, а реалноста е дека за овие двајца фудбалери се интересираат уште неколку врвни европски клубови, па останува да се види дали Јунајтед ќе успее да излезе како победник од трката за да ги доведе Фримпонг и Тапсоба на „Олд Трафорд“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА