Јунајтед се премисли: Роналдо е на продажба, Челси го чека со раширени раце

Кристијано Роналдо е слободен уште во јануари да си замине од Манчестер Јунајтед откако управата на англискиот гигант ја увиде грешката од летниот преоден рок, кога не му дозволи на Португалецот да ги промени клупските бои.

Тен Хаг инсистираше дека ќе најде место во тимот за Кристијано, но почетокот од сезоната носи сосема спротивна слика – Роналдо е закован за клупата за резерви, видно несреќен, а целата ситуација создава негативна атмосфера во екипата. И самиот Тен Хаг е свесен за грешката и веќе им соопштил на директорите дека Роналдо не му е неопходен во тимот, a за пресвртот во ситуацијата е известен и неговиот агент Жорге Мендеш.

„Црвените ѓаволи“ би го пуштиле Кристијано да си замине без отштета, со што би заштедиле над 10 милиони фунти што би требале да му ги исплатат како плата за половина сезона. Целата ситуација будно ја следат челниците на Челси, клуб кој беше најзагреан за Роналдо и во текот на летото. Тогаш блокадата стигна од тренерот Томас Тухел, но сега кога Германецот веќе не е на чело на „сините“, нема пречка за португалската суперѕвезда да се пресели на „Стемфорд бриџ“.

За Португалецот е подготвен договор на 18 месеци, со можност за продолжување за уште една сезона, а истиот би можел да биде потпишан и пред крајот на годинава, за Роналдо веќе на 1 јануари да се пресели во Лондон и да му се стави на располагање на тренерот Потер.

Се вчитува...