Јунајтед воскресна и го преслуша Ливерпул, пулените на Клоп се на 16. место на табелата

Манчестер Јунајтед експресно го остави зад себе шокантниот пораз од Брентфорд, славејќи во големото дерби против Ливерпул со 2-1 за прва радост на „црвените ѓаволи“ под водство на Ерик тен Хаг во Премиер-лигата. Холандскиот стратег покажа храброст и направи сериозен рез во тимот, ги остави на клупата Роналдо, Мегваер и Шо, а оние кои настапија на нивно место максимално ја оправдаа довербата.

Јунајтед одигра импресивно во првите дваесетина минути, во кои со пресинг им создаде огромни проблеми на гостите од Ливерпул, даде гол преку Санчо, а Еланга го погоди дирекот. Како што одминуваше времето Ливерпул ја стабилизираше својата игра, но гостите се мачеа да создадат шанса бидејќи дефанзивната линија на Јунајтед функционираше одлично (Далот, Мартинез, Варан, Маласија).

Избраниците на Клоп продолжија со офанзивна игра, но оставија многу простор на својата половина што домаќините го искористија за да постигнат и втор гол, преку Рашфорд на асистенција на Марсијал. Ливерпул не се предаде, па преку Салах на девет минути до крајот успеа да намали на 2-1.

Бројните повредени играчи не можат да бидат изговор за катастрофалниот старт на сезоната на Ливерпул, со само два освоени бода по првите три кола актуелниот вицешампион моментно се наоѓа на 16. позиција на табелата, за најслаб старт на една премиерлигашка сезона откако Јирген Клоп е на чело на „црвените“.

Се вчитува...