Јуниорската репрезентација на Македонија триумфално го почна настапот на Европското првенство – Б дивизија што денеска стартуваше во Скопје откако „црвено-жолтите“ по голема битка славеа над врсниците на Република Ирска со резултат 73-63. Овој трилер-натпревар беше решен по продолжение од пет минути, во кои нашите кошаркари беа далеку подобри од противникот и заслужено се радуваа на победата.
Регуларните 40 минути минаа во израмнета борба, Ирците ја добијата првата четвртина со 17-20, а Македонија беше подобра во вториот период добивајќи го со 20-12. Финишот беше суперинтересен, откако нашите кошаркари со тројка на една минута до крајот израмнија на 62-62. На десет секунди до крајот имавме и напад за победа, но ја загубивме топката (вратена топка во сопствената половина), Ирците на спротивната страна погодија по офанзивен скок, но за наша среќа судиите го поништија тој кош поради истекување на времето.
Јаничиќ со тројка го отвори продолжението за Македонија, во кое Ирците четири минути не успеаја да постигнат поени, а нашите кошаркари на крајот стигнаа и до двоцифрен триумф од 73-63.
Никола Јаничиќ со 27 поени и осум скокови беше клучна фигура во нашиот табор, воедно и единствен со двоцифрен ефект, откако Марјановиќ, Димитриев и Луканоски постигнаа по девет поени во денешниот триумф.
Следен противник на нашите млади кошаркари ќе биде селекцијата на БиХ, која денеска лесно и убедливо славеше над Кипар со 97-44.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА