Македонската јуниорска кошаркарска репрезентација стигна до првата победа на Европското првенство во „А“ дивизија кое се одржува во Белград откако славеше над Белгија со 72-81 во натпревар во кој избраниците на селекторот Андеевски беа подобриот противник во најголемиот дел.
Оваа победа за Македонија е од големо значење бидејќи со неа се задржа шансата за опстанок во елитната дизвизија и следната година, но за истото ќе биде потребен и триумф над Бугарија во утрешниот натпревар.
По изедначената прва четвртина (20-17) која ја одбележа игра во мини серии, Македонија успеа да го наметне своето темпо благодарение на одличната реализација. Избраниците на селекторот Андреевски постигнаа 26 поени, беа и на врв на задачата во одбраната и во еден момент беа блиску и до двоцифрена предност, но мораа да се задоволат со само „плус“ седум на полувремето (36-43).

Белгиците возвратија со агресивна одбрана на стартот на второто полувреме, а истата создаде проблеми во нападот на Македонија. Двоцифрената граница на постиганти поени беше надмината на четири секунди пред крајот на третата четвртина па падот во играта го искористи противникот за враќање на егалот (54-54).
Загубените топки на Белгија и играта во транзиција донесе лесни поени за „црвено-жолтите“ па Македонија ја врати стабилноста и резултатската контрола која ја одржа до самиот крај на средбата за значајна победа.
Со 22 поени Ѓорѓиевиќ беше лидер на Македонија, а него го следеа Јаничиќ и Димовски со по 17 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

