Јуниорската репрезентација на Македонија за кошаркари до 18 години го загуби клучниот меч за освојување на 13. место против Бугарија (87-90), пораз со кој нашите јуниори и дефинитивно испаднаа од елитното друштво и следната година повторно ќе се натпреваруваат во Б-дивизијата. „Црвено-жолтите“ одиграа егал натпревар, во долги периоди имаа и водство, но катастрофалните три минути во последната четвртина пресудија Бугарија да биде селекцијата што ќе се радува на победата и опстанокот во А-дивизијата.
Македонија беше репрезентацијата што имаше контрола во првата четвртина во која блескаа Димовски и Данев, а нашата селекција ја доби со 25-22 иако имаше и седум поени предност. Вториот период заврши со 16-22 за Бугарија, по што се играше израмнето се до последните 10 минути. Тогаш бевме сведоци на огромен пад во нашата игра, кога за нешто повеќе од три минути дозволивме противникот да направи серија од 17-0 и од наше водство од 70-69 бугарскиот состав да стигна до убедливи 70-86.
Тоа не беше и крај на возбудувањата, Македонија се разбуди и влезе во сопствена серија, намалувајќи на само два поени негатива (84-86) на 40 секунди до крајот. Сепак, среќата не ни беше наклонета, Бугарите погодија тројка од десет метри во клучниот шут, ставајќи печат на триумфот, на крајот изразен со конечните 87-90.
Димовски со 29 поени беше најдобар поединец во нашиот табор, Јаничиќ реализираше 19 (голем дел од нив во фуриозниот финиш), додека Данев го заврши натпреварот со 18 поени, 6 скокови и 3 асистенции.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

