Јуниорите пред настапот на ЕП во Португалија: Да оставиме добар впечаток

Настапите на младите репрезентации на европската сцена продолжуваат од денеска, кога стартува Европското првенство за кошаркари до 18 години – Б дивизија, што ќе се одржува во Португалија.

Селекторот Андреј Апостолоски Лечиќ е задоволен од текот на подготовките и верува дека Македонија може да се претстави во добро светло. Според него, добро е што денеска на првиот натпреварувачки ден нашата селекција е слободна, па ќе може во живо да ги види квалитетите на ривалите, Велика Британија, Исланд, Норвешка и Австрија.

„После четириесет и пет дневни подготовки, почнува првенството за нашата репрезентација. Поточно кажано, првиот ден сме слободни што е добро за нас. Пред се затоа што можеме да ги видиме ривалите ‘во живо’, иако веќе имаме доста материјали за нашите противници особено оние во групата во која што сме. Во текот на подготовките имавме неколку повреди кои никој не ги посакува. За жал, за некои играчи тоа значеше и дека нема да отпатуваат со нас. На контролните натпревари не бевме комплетни скоро на ниту еден натпревар, па не можевме да видиме јасна слика. Па оттука, ги користевме за напредување во играта на нашиот тим, па и  резултатот беше на втор план. Но се знае дека сега, на европското првенство, овде во Португалија, резултатот е во прв план. И затоа, ќе дадеме се од себе да оставиме добар впечаток“, вели селекторот Апостолски Лечиќ по доаѓањето во овој португалски град“ – вели селекторот Апостолски Лечиќ по доаѓањето во Португалија.

На почетокот на шампионатот во Матошинос, првиот ден сме слободни, а веќе во второто коло од групата „А“, во сабота од 19 часот, за противник ја имаме селекцијата на Велика Британија.

„Првиот натпревар против Велика Британија претставува еден од најважните натпревари во понатамошниот дел од првенството. Анализирани се противниците и ќе дадеме максимум да го победиме противникот. Мора да го кажам и ова, во составот имаме дури седум помлади играчи од генерацијата, што ќе помогне и во наредните години, со собирање на искуство и одлични натпревари во нозете. Во составот во кој сме овде, ќе дадеме се од себе уште еднаш летово да ја израдуваме цела нација и да направиме што поголем успех во рамките на нашите можности“, порачува селекторот пред почетокот на првенството во Португалија.

Се вчитува...