Јуниорите против Бугарија за влез во елитата: „Потребна ни е поддршка од навивачите!“

Македонија „маршира“ кон „А“ дивизијата. На нашите јуниори им е потребна само уште една победа за да македонската кошарка повторно биде застапена на она највисоко, елитно репрезентативно ниво, и тоа денеска од 18:30 часот против Бугарија во полуфиналето на ЕП – Б дивизија.

За да биде така, потребна е уште една добра игра, налик на оние претходни шест во кои нашиот национален тим за кошаркари до 18 години, беше повеќе од успешен. Запиша победи на сите досегашни мечеви.

Селекторот Горан Андреевски е задоволен од синоќешната победа над репрезентцијата на Португалија, верувајќи дека тоа може да се повтори и со Бугарија.

„Португалија ни беше најтежок противник досега. Не смее да нė залаже високата разлика со која победивме на крајот. Морам да кажам дека потрошивме премногу енергија, особено во одбраната. Како што кажав и пред натпреварот, клучот за победа е одбраната над нивните брзи бекови, а нашите играчи одиграа маестрална одбрана“- вели селекторот по триумфот кој не донесе на чекор до пласна во „А“ Дивизијата“.  

Селекцијата на Бугарија е нашиот противник во полуфиналето, кое е закажано за 18.30 часот, а за разлика од претходните натпревари, ќе играме во салата на Спортскиот центар „Борис Трајковски“.

„Во полуфинале нė чека репрезентацијата на Бугарија, екипа со одлични поединци. Ќе одлучуваат нијанси. Ќе влеземе многу посветено во натпреварот, очекувам максимално залагање во одбраната, посебно врз нивниот најдобар поединец Гаваљугов“ – дополнува Андреевски.

Веројатно, кога се игра еден ваков натпревар, пред домашна публика, и амбиент, кој се очекува да биде во салата на СЦ „Борис Трајковски“, дополнителна мотивација и не е потребна, таа се подразбира, како што потенцира Андреевски.

„Играчите се подготвени и мотивирани. Се надевам дека ќе ја израдуваме публиката со уште една победа. Очекуваме полна сала во борба за големото финале“.

Се вчитува...