Јуниорската репрезентација на Македонија за кошаркари до 18 години го претрпе и четвртиот убедлив пораз во низа на Европското првенство што се одржува во Белград. По трите порази во групната фаза нашите јуниори беа апсолутни аутсајдери во денешното осминафинале со Шпанија во кое „црвената фурија“ рутински ја оправда фаворитската улога и се пласираше меѓу најдобрите осум селекции на шампионатот (92-38).
За разлика од претходните дуели на кои уште во првата четвртина се соочивме со огромна негатива, овојпат „црвено-жолтите“ сосема солидно парираа во првите 10 миунти во кои имаа само шест поени негатива (19-13). Затоа пак вториот период мина во целосна доминација на шпанските кошаркари, кои триумфираа со 23-7 во овие 10 минути игра, надминувајќи ја границата од „плус 20“ уште пред да заминат на одмор. Остатокот од мечот беше рутина за „црвената фурија“, Шпанците дополнително ја зголемија убедливата предност, на крајот славејќи со конечни „плус 54“ откако нашите кошаркари постигнаа само пет поени (28-5) во четвртата четвртина.
Дарјан Димовски со 13 поени беше единствениот со двоцифрен ефект во македонскиот табор, пред Јаничиќ, Данев и Сребров со по шест поени.
Пред македонските јуниори сега претстојат клучите битки за опстанок во елитното друштво, натпревари на кои за ривали би требало да имаме нешто послаби селекции од досегашните (Грција, Литванија, Србија и Шпанија).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

