Јуниорската репрезентација на Македонија успеа да стигне до триумф од 67-62 на пријателскиот натпревар со Швајцарија што беше одигран во Гевгелија како дел од подготовките за претстојниот настпа на ЕП.
Сосема добар почеток на проверката во Гевгелија имаше нашиот национален тим „Под 18“. Во уводните десет минути направија предност од (22:15) избраниците на селекторот Горан Андреевски. Добрата игра ја продолжија и во вториот период, во кој успеаја таа разлика да ја зголемат и на одмор да заминат со убедливи „плус 16“ (38-22).
Во продолжението доста поизрамнета игра, во која Швајцарците успеаа да одржат каква-таква резултатска рамнотежа, па по три одиграни четвртини Македонија водеше со 13 поени предност (56-43). Швајцарците се приближија на негатива од пет поени на една минута до крајот (66-61), но Македонија успеа да ја задржи позитивата и да стигне до заслужен триумф.
Ова е прва победа на нашата јуниорска селекција во овие летни подготовки, по поразите во дуелите со Црна Гора и со Романија (на гостински терен).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА