Јунузовиќ: Посилни сме од Шкендија, нашата цел е да играме во групите на ЛШ

Австрискиот првак Салцбург, кој минатата сезона стигна до полуфиналето во Лигата на Европа, очекува да ја елиминира Шкендија во третото квалификациско коло од ЛШ. Како што вели Златко Јунузовиќ, еден од најголемите адути на Салцбург, целта на клубот е да обезбеди пласман во групите од елитното европско клупско натпреварување.

„Свесни сме за нашиот квалитет. Ја знаеме и силата на противникот, и мислам дека се ќе зависи од нас. Секако, го почитуваме тимот на Шкендија и секој двомеч стартува од 0-0. На теренот ќе треба да покажеме дека сме посилни. Но, нашата цел е јасна, да се пласираме во групите од Лигата на шампионите“, вели Јунузовиќ.

30-годишниот играч за врска зад себе има 55 мечеви во австриската фудбалска репрезентација и 188 натпревари во Бундес-лигата во дресот на Вердер Бремен. Неговото искуство ќе биде непроценливо во дуелите со Шкендија.

„Салцбург е еден убав спој на младост и искуство. Јас го носам моето искуство, и сакам да го споделам со младите фудбалери. Најважна е меѓусебната хемија, и секако квалитетот што го располагаме“, изјави Јунузовиќ.

Салцбург ќе ја пречека Шкендија в среда, со почеток во 19 часот, во првиот меч од третото квалификациско коло во Лигата на шампионите. Реваншот е закажан за 14 август, на арената „Филип Втори“.

Се вчитува...