Јута гази се пред себе, проработе тандемот Ирвинг – Харден

Јута сосема изненадувачки е најдобар тим на стартот од новата сезона, „џезерите“ ја продолжија триумфалната серија и на синоќешниот дуел со Филаделфија на кој славеа со 134-123 за своја осма победа во низа. Тимот на Јута моментно е прворангиран во Западната конференција со 23 победи и пет порази, две победи повеќе во однос на актуелниот шампион ЛА Лејкерс. Најефикасни при синоќешната победа на „џезерите“ беа Кларксон со 40 и Мичел со 26 поени. На гостите од Филаделфија не им помогна ниту извонредното издание на Бен Симонс, кој го заврши натпреварот со 42 поени, 9 скокови и 12 асистенции.

Кајри Ирвинг го предводеше Бруклин до победа од 125-136 на гостувањето против Сакраменто. Одличниот бек реализираше 40 поени, а одличен настап имаше и Харден, кој забележа трипл-дабл од 29 поени, 13 скокови и 14 асистенции.

Голден Стејт лесно и убедливо го совлада Кливленд со 129-98, меч на кој стрелците очекувано ги предводеше Стеф Кари со 36 поени.

Најинтересниот натпревар се одигра во Лос Анџелес, каде клиперси по голема битка триумфираа над Мајами со 125-118. Морис беше „џокерот“ на клиперси на овој меч, постигнувајќи 32 поени за 25 минути игра, додека прв стрелец на Мајами беше Батлер со 30 поени.

Резултати НБА:

Индијана – Чикаго 112-120 (по прод.), Вашингтон – Хјустон 131-119, Њујорк – Атланта 123-112, Јута – Филаделфија 134-123, Голден Стејт – Кливленд 129-98, ЛА Клиперс – Мајами 125-118, Сакраменто – Бруклин 125-136.

Се вчитува...