Јувентус е на добар пат да го осигура првото засилување за одбраната за наредната сезона откако „старата дама“ влезе во завршна фаза преговори со Болоња за трансферот на Рикардо Калафиори.
Овој дефанзивец одлично се снаоѓа во формацијата со тројца во последната линија, но и како лев бек, а неговата универзалност го стави високо на листата со желби на директорот Џунтоли. Јуве во последните две седмици интензивно преговараше со Болоња и начелно е договорено висината на трансферот да изнесува 25 милиони евра, а останува да се види дали тоа ќе биде перманентен трансфер летово, или пак позајмица со клаузула за задолжителен откуп во 2025 година.
Она што е интересно е што Калафиори пред околу еден месец јавно го критикуваше Јувентус, тврдејќи дека никогаш не би потпишал за овој клуб.
„За мене Јувентус би бил чекор назад во кариерата во однос на Болоња, клуб кој функционира на правилен начин. Со задоволство би останал овде, наместо да го облечам дресот на Јуве. Мојот татко го мрази Јувентус, а јас го почитувам татко ми. Не постојат пари за кои јас би заминал во овој клуб“, порача Калафиори пред околу еден месец.
Ситуацијата сега очигледно е променета, а еден од факторите можеби е фактот дека Јувентус за нов тренер ќе го доведе Тијаго Мота, кој моментно му е тренер на Калафиори во Болоња.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА