Јувентус не успеа да го одбрани трофејот во Купот на Италија, а згора на тоа „старата дама“ остана без уште еден клучен играч во одбранбената линија. Откако Бонучи се повреди и ќе мора да паузира повеќе од еден месец, тренерот Алегри на синоќешниот меч во Бергамо остана и без помошта на Џорџо Кјелини, кој мораше да биде заменет во првото полувреме против Аталанта.
Станува збор за проблем со мускулот, поради што капитенот на Јуве ќе мора да паузира извесно време од терените, а поконкретни прогнози околу отсуството се очекуваат во текот на денешниот ден, по добиените резултати од деталните лекарски прегледи.
Ако на ова се додаде дека подолго време повреден е и најискусниот Барѕалји, а неодамна продаден беше Бенатија, јасно е дека ситуацијата во која се наоѓа италијанскиот првак е крајно загрижувачка. Алегри како централен дефанзивец во тимот го има само Ругани, заедно со Касерес, кој не е во најдобра форма по трансферот од Лацио.
Токму поради ова „старата дама“ денеска ќе се обиде да донесе уште еден одбранбен фудбалер. Желба на Алегри е искусниот Бруно Алвеш, кого Парма одбиваше да го продаде во претходните денови, но ситуацијата може да се промени доколку Јуве понуди повисока сума за португалскиот ветеран.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА