Јувентус почна нова рунда преговори во обид да го убеди Душан Влаховиќ да се премисли и да остане во клубот, ако се знае дека актуелниот договор на српскиот голгетер истекува на крајот од сезонава.
„Црно-белите“ од Торино пред извесно време делуваа помирени дека српскиот репрезентативец ќе го напушти клубот како слободен играч, но ситуацијата се промени откако тренерот Спалети побара да се стори се за Душан да остане дел од најтрофејниот италијански клуб.
Преговорите стартуваа, но информациите не се премногу охрабрувачки. Имено, Влаховиќ моментно заработува околу 11 милиони евра нето, со што е најплатен фудбалер во Калчо-лигата. Јасно беше дека Јуве ќе понуди пониска сума од актуелната, но Србинот останал шокиран кога понудата што ја добил изнесувала – шест милиони евра годишно или речиси двојно помала плата од актуелната.
Влаховиќ не криел дека е разочаран од ваквиот пристап, јасно е дека нема намера да прифати ваква понуда, особено бидејќи летово како слободен играч ќе може сигурно да заработи далеку повеќе при изборот на новиот клуб.
Останува да се почека разврската, дали Јувентус ќе ја крене понудата или преговорите наскоро ќе бидат прекинати, а Србинот ќе избере нов клуб за наредната сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

