Јуве тргнува по Лукаку, за инает на Конте и Интер

Интер не сака да го продаде Мауро Икарди во Јувентус, па „старата дама“ подготвува одмазда – трансфер на Ромелу Лукаку. Белгискиот „џин“ е најголема желба на Антонио Конте за овој преоден рок, но новиот тренер на Интер најпрвин мора да го продаде Икарди за да обезбеди буџет за ангажман на Лукаку. Сепак, сметките на трофејниот стратег може сериозно да се замрсат откако Јувентус реши да се вклучи во трката по голгетерот на Манчестер Јунајтед.

Италијанските медиуми утрово објавија дека „старата дама“ веќе ги стартувала преговорите, а сумата од 75 милиони евра што ја бара Јунајтед не е никаков проблем за овој гигант. По новите договори со Марсијал и со Рашфорд, како и неможноста да се најде купец за Алексис Санчез, „црвените ѓаволи“ се подготвени за продажба на Лукаку, со што би обезбедиле буџет за нови засилувања. Во ситуација кога Интер не е во можност да ја плати бараната сума, Јуве би важел за лидер во оваа трка, па постои сериозна опасност Конте повторно да извиси во трката по Белгиецот, кој пред две години беше пред трансфер во Челси, за во „пет до дванаесет“ да го откачи лондонскиот клуб и да се пресели во Манчестер.

Во меѓувреме, италијанските медиуми јавуваат дека Наполи тргнува со сите сили по ангажман на Икарди, нудејќи му го на Интер и Лоренцо Инсиње како дел од трансферот.

Се вчитува...