Јувентус реши значајно прашање за иднината ангажирајќи го Душан Влаховиќ како лидер на нападот за следните неколку сезони, а сега погледите на „старата дама“ се насочени кон освежување на средниот ред. На врвот на листата со желби се наоѓа Пол Погба, поранешниот фудбалер на Јувентус кој за 100 милиони евра беше продаден на Манчестер Јунајтед, а сега би можел да се врати назад во Торино како слободен играч.
Французинот има договор со Јунајтед само до крајот на сезонава, во изминатиот период неколку пати „флертуваше“ со „старата дама“, а челниците на Јуве не ја кријат желбата повторно да го донесат Погба во овој клуб. Конкуренцијата ќе биде жестока, па затоа италијанскиот гигант сака што поскоро да ги договори сите детали, по можност и потписот да биде осигуран до крајот на месец март.
Испратена е и официјална понуда до агентот на Погба, Мино Раиола, со кого челниците на Јуве имаат одлични односи. Погба би потпишал загарантирана плата од девет милиони евра во наредните четири години, покрај тоа би добил и бонус за самиот потпис на договорот, а бонус ќе му биде исплатен и на самиот Раиола, за својот дел во преговорите.
Претходно, интерес за Погба покажаа и Реал Мадрид и ПСЖ, но понудата на Јуве е првата конкретна што францускиот плејмејкер ја добива за летен трансфер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА