Јувентус го презеде првиот конкретен чекор за ангажман на Душан Влаховиќ, испраќајќи официјална понуда до Фиорентина за да го доведе српскиот голгетер уште во јануарскиот преоден рок. Добро познато е дека српскиот ас е желба на „старата дама“ за летниот преоден рок, но сериозниот интерес од Арсенал ги натера челниците на Јуве да се активираат нешто порано и да се обидат веќе зимово да го доведат Влаховиќ во својот табор.
Италијанските медиуми информираат дека понудата изнесувала вкупно 70 милиони евра, а во неа бил вклучен и Дејан Кулушевски. Не е наведено на колку Јуве го има проценето шведскиот суперталент, во кого гледа значаен адут во преговорите, да се убеди Фиорентина на договор бидејќи во размена за Влаховиќ би добива нов квалитетен и многу перспективен фудбалер за иднината.
За очекување е „виолетовите“ да ја одбијат оваа прва понуда, но се остава простор за преговори во преостанатите десет дена до крајот на преодниот рок, клубовите да се договорат и Влаховиќ да го комплетира трансферот од соништата. Преселба во Јувентус е приоритет за овој голгетер, кој одбива да потпише нов договор и дефинитивно ќе си замине од Фиренца, единствената дилема е дали во јануари или на крајот од сезонава.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА