Јувентус уште еднаш ја демонстрираше сета своја моќ на италијанската фудбалска сцена, откако ја продолжи својата доминација на Апенинскиот полуостров со нов трофеј во Купот на Италија. „Старата дама“ вечерва рутински славеше над Лацио со 2-0, испишувајќи историја како прв клуб кој три години по ред успевал да стигне до трофејот во ова натпреварување.
Вечерашното финале се играше на „Олимпико“ во Рим, но избраниците на Алегри веднаш ставија до знаење дека не се чувствуваат како гости. Лацио ја имаше првата шанса на мечот откако обидот на Кеита го удри Барзалји и заврши во дирекот, но потоа Јувентус целосно ја презеде контролата. Дани Алвеш го отвори резултатот по одличното додавање на Алекс Сандро, при резултат 1-0 Јувентус не искористи неколку стопроцентни шанси, пред Бонучи да зголеми на 2-0 по само триесетина минути игра.
Искусниот состав на Јувентус потоа рутински ја одбрани позитивата во второто полувреме, за апсолутно заслужена победа и нов пехар во витрините на „старата дама“.
Само за потсетување, Јувентус е на добар пат да освои и ново скудето, а „старата дама“ има шанси и за тројна круна, доколку на 3 јуни во финалето од Лигата на шампионите го совлада и Реал Мадрид.
Dani Alves GOAL Juventus 1-0 Lazio by esprit-foot
Juventus – Lazio But Bonucci 2-0 by esprit-foot
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА