Јувентус е првиот финалист во Купот на Италија откако „старата дама“ ремизираше 0-0 на реваншот со Интер, па се најде во финалето благодарение на триумфот од 1-2 на првиот меч на „Џузепе Меаца“. Избраниците на Конте најавуваа атак од првата минута во обид да ја надополнат таа негатива, но наместо тоа само го продолжија „проклетството“ кога станува збор за нивните настапи на „Алијанц Арена“ во Торино, каде ова беше седми меч во низа на кој Интер не успеа да го најде патот до мрежата на Јуве.
Интер ја имаше првата шанса на мечот, Хакими побегна по десната страна и одигра одлична повратно додавање до Лаутаро, но Аргентинецот не се снајде најдобро, ја утна топката и остана да лежи барајќи пенал. Истиот фудбалер потоа се најде во одлична ситуација по една одбиена топка, но не биеше прецизно, а Интер и покрај неколкуте одземени топки со пресинг-играта на противничката половина не успеа да го најде патот до мрежата на Буфон.
Роналдо имаше неколку блокирани удари пред крајот на првото полувреме, за Португалецот во вториот дел да ги има и двете најубави шанси на натпреварот, но Ханданович беше на висина на задачата и не дозволи неговата мрежа да биде затресена. Конте се обиде со неколку замени да го засили темпото, но одбраната на Јуве на чело со одличните Демирал и Де Лихт функционираше беспрекорно, предноста од првиот меч беше задржана и „старата дама“ го обезбеди билетот за финалето.
Ривал на Јувентус во големото финале ќе биде подобриот од дуелот Аталанта – Наполи, откако првиот меч меѓу овие два тима заврши без голови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

