Јувентус е заинтересиран да го доведе Пол Погба назад во Торино веќе во јануарскиот преоден рок, но само доколку Манчестер јунајтед дозволи шестмесечна позајмица на францускиот репрезентативец. Италијанскиот првак веќе извесно време флертува со својот поранешен ас, но ставот на Јуве е јасен – по мегатрансферот на Роналдо сезонава нема да има уште едно трошење на сума од околу 100 милиони евра, за да не се загрозат строгите правила на финансиски ферплеј пропишани од УЕФА. Затоа, Јуве е подготвен да плати околу 10 милиони евра за позајмица до крајот на сезонава, со можност во текот на летото целосно да го откупи договорот на Погба со Јунајтед.
Како што јавуваат италијанските медиуми, претседателот Ањели за ова го известил и Мино Раиола, па сега на агентот на Погба е да најде начин да ги убеди челниците на Манчестер да се согласат на една ваква опција. Се чини пресудно ќе биде дали Жозе Мурињо ќе остане на клупата на „црвените ѓаволи“, бидејќи Португалецот веќе дефинитивно не смета на Погба, кого го смета за „вирус во тимот“ и би дал зелено светло за негово заминување на самиот почеток од 2019 година.
Доколку во меѓувреме дојде до тренерска смена на „Олд трафорд“, новиот стратег дефинитивно ќе се обиде да го извлече најдоброто од Погба, што би значело останување на Французинот во Манчестер до крајот на сезонава. Сепак, во Јуве се надеваат дека до тоа нема да дојде, туку францускиот репрезентативец веќе во текот на наредниот месец ќе се врати назад во таборот на „старата дама“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА